Властите на Хутите во Јемен им наредија на припадниците на американскиот и британскиот персонал во Обединетите нации и хуманитарните организации кои работат во главниот град Саана да ја напуштат земјата во рок од еден месец, според претставник на хутистичкото движење и документ објавен во средата.
Одлуката е донесена по серијата нападите на САД и Велика Британија врз воени цели на шиитската заедница која ги напаѓа трговските бродови во Црвеното Море поврзани со Израел во знак на поддршка на Палестинците во Појасот Газа.
Американската влада минатата седмица ги врати Хутите на листата терористички групи како дел од инсистирањата на Вашингтон да ги запре нападите врз бродови во Црвеното Море. Хутите рекоа дека ги напаѓаат бродовите за да покажат солидарност со Палестинците додека Израел го бомбардира Појасот Газа каде има илјадници цивилни жртви.
„Министерството сака да нагласи дека мора да ги информирате службениците и персоналот со американско и британско државјанство да се подготват да ја напуштат земјата во рок од 30 дена“, се вели во писмото испратено од Министерството за надворешни работи на Хутите до Питер Хокинс, заменик координатор на ОН за хуманитарна помош во Јемен.
Во писмото, исто така, се наредува странските организации да не ангажираат американски и британски државјани да работат во Јемен.
Портпаролот на Хутите, Мухамед Абдулсалам за Reuters ја потврдил автентичноста на писмото. Канцеларијата на заменик-координаторот Хокинс, и самиот британски државјанин, не одговориле на барањето за коментар за агенцијата.
Американската амбасада во соопштението наведува дека е запознаена со извештајот за писмото, но дека „не може да зборува во името на ОН или хуманитарните организации во Јемен за тоа што можеби добиле од „властите“ на Хутите.
Британската амбасада соопшти дека на вработените сè уште не им е наредено да ја напуштат земјата и дека се во близок контакт со ОН за ова прашање.
„ОН обезбедуваат клучна помош за јеменскиот народ преку истите поморски патишта на кои ги загрозуваат хутистите. Не би требало да се прави ништо што би ја попречувала нивната способност успешно да дејствуваат“, стои во соопштението на бртианската амбасада во Јемен.
Движењето на јеменската шиитска заедница Хути владее со поголемиот дел од Јемен по речиси децениска војна против коалицијата на 33 сунитски земји предводена од Саудиска Арабија, поддржана од САД. Борбите главно престанаа откако Саудиска Арабија ги затопли односите со Иран кој ги поддржува Хутите, но судрените страни официјално го обновија договорот за прекин на огнот, со посредство на Обединетите нации.
Американските и британските воени авиони, бродови и подморници извршија серија воздушни напади низ Јемен како одмазда за нападите на Хутите кои ги принудија бродовите да се оттргнат од Црвеното Море, најбрзиот морски пат од Азија до Европа. Американските и британските сили објавија во вторникот дека наводно нападнале подземно складиште на Хутите во обидите да ги намалат капацитетите на Хутите за лансирање проектили и контрола врз областа.