И BMW извести за помалку испорачани автомобили во 2024-та

Германскиот производител на луксузни автомобили BMW во понеделникот објави дека продал помалку автомобили во 2024 година, надоврзувајќи се на послабите резултати на домашните конкуренти на кинескиот пазар.

BMW продал 2.450.804 автомобили минатата година, четири отсто помалку од претходната година.

Во компанијата ја припишуваат намалената испорака на бавниот економски раст во Кина, најголемиот пазар на автомобили во светот, но и на слабата побарувачка во нејзината матична земја Германија. Продажбата на BMW на кинескиот пазар потонала за дури 13,4 отсто, а во Германија за 5,3 отсто.

Светлата точка бил сегментот на електрични возила со батерии (BEV), со вкупно продадени 426.594 автомобили, што е за 13,5 отсто повеќе отколку во претходната 2023 година.

BMW на тој начин ги следеше послабите резултати на другите големи компании во германскиот автомобилски сектор.

Производителот на луксузни автомобили „ Mercedes-Benz“ извести минатата седмица дека минатата година продал 2,39 милиони автомобили и комбиња, четири отсто помалку отколку во 2023 година. Продажбата на ницните патнички автомобили во Кина паднала за седум отсто, и покрај закрепнувањето во четвртиот квартал.

Кина е најважниот пазар за сите водечки германски производители на автомобили, но неодамна ги мачи жестоката домашна конкуренција, особено во секторот на електрични возила и трговските тензии, забележува агенцијата dpa.

Продажбата на автомобили на батерии во Кина силно расте, но вкупната побарувачка е сè уште слаба поради економското забавување.

„Mercedes-Benz“ минатата година продаде 23 отсто помалку електрични возила отколку во 2023 година, а падот благо се продлабочи во четвртиот квартал.

Минатата седмица и автомобилскиот гигант „Volkswagen“ (VW) објави дека продал 1,4 отсто помалку автомобили од својата основна марка во штотуку завршената година, со пад од 8,3 отсто во испораките во Кина. Продажбата на електрични возила е намалена за 2,8 отсто.

„2024 беше тешка година ширум светот, со оглед на слабата економија, политичките предизвици и силната конкуренција, особено во Кина“, изјави шефот за продажба на VW, Мартин Зандер.