Македонија на Евробаскетот дефинитивно ќе биде без еден од членовите на златната генерација од 2011 година.
Станува збор за кошаркарот на Работнички, Ѓорѓи Чековски кој ги известил челниците во МКФ дека нема да ја повлече одлуката донесена пред две години. Популарниот „Станко” разговарал лично со претседателот Петар Наумоски.
“Жалиме што Чековски нема да ни помогне во желбите да настапиме со сите расположливи сили на ЕП во 2015, но како негов поранешен капитен во репрезенацијата, сведок сум дека секогаш бил на ниво на поставените задачи, а како сегашен Претседател на Федерацијата му изразувам благодарност за придонесот и 15- те сезони минати во најубавиот дрес”, стои во соопштението на Наумоски.
Чековски беше член на македонската кошаркарска репрезентација од 1999 година и учествуваше на дебито на нашиот национален тим на Европските првенства, она во Франција. Тој е прв кошаркар кој официјално ја одби понудата да игра на претстојниот Евробаскет, а блиску до истата одлука е и Перо Антиќ кој за српските медиуми најави такво нешто. Од друга страна, Предраг Самарџиски и Владо Илиевски го прифатија повикот и ќе го носат дресот на македонската репрезентација на континенталниот шампионат.
Извор: Спортмедиа.мк