И да има штрајк на СОНК, училиштата и градинките во Штип ќе работат без проблем

Градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, денес со овластениот просветен инспектор и директорите на детските градинки и на основните и средните училишта оддржа состанок. Причина за средбата е најавениот штрајк на СОНК во образованието, кој може да предизвика проблеми во наставата, пренесува порталот „1.мк“. Заклучокот од средбата е дека наставата ќе продолжи, без оглед на тоа дали ќе има или ќе нема штрајк:

– Општината е должна согласно Законот да обезбеди непрекинат тек на наставата. Таа мора да се одвива во нормални услови и децата да немаат отсуства и немање на часови. Како општина ние сме должни да обезбедиме училиштата да работат. За тоа дали ќе има или не штрајк, дали ќе се вклучат наставници и колку, надлежен е синдикатот – изјави Драган Ристов, портпарол на општината по средбата.

Дел од директорите веќе најавија дека листите за замена на оние наставници кои ќе штрајкуваат се подготвени и дека наставата ќе се одвива без прекин заради што упатуваат апел и известување до родителите дека учениците ќе имаат настава а децата ќе бидат прифатени во градинките, додава на крајот „1.мк“.