И Дачиќ ги повика Србите на Косово да гласаат за Српска листа

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ ги повика Србите во Косово да гласаат за Српската листа, бидејќи како што оцени тоа не е „партиско прашање“.

-Приштина сака некој друг да им ги избере претставниците и во косовскиот парламент да влезат Срби кои се противаат на државната политика на Србија, изјави Дачиќ за РТС.

Тој за барањата да престане со лобирањето за повлекување на признавањето на Косово како независна држава, рече дека тоа само го „инспирира“ затоа што најмногу ја делегитимизира желбата на Приштина за независност на Косово.

-Ние работиме и тоа покажува дека работата не е завршена и дека ја принудува Приштина да направи компромис, рече Дачиќ.

На прашањето дали вреди да се предупреди меѓународната заедница на подготовките Приштина да манипулира со српските гласови на претстојните избори во Косово, тој рече дека „вреди и не вреди затоа што тие тоа го знаат“, но ќе се направи се што е можно.

Дачиќ изјави дека на 31 октомври е закажана седница на Советот за безбедност на ООН на која ќе се разгледува извештајот на генералниот секретар на ООН за Косово, на барање на Јужна Африка, која е претседавач на Советот за безбедност на ООН овој месец.

На прашањето за односите во коалицијата на Социјалистичката партија на Србија и Српската напредна партија, тој рече дека „не е информиран дека има проблеми, а важел за информирана личност“, додавајќи дека често е со претседателот на таа партија и на државата, Александар Вучиќ, како неодамна во Њујорк.

Тој додаде дека во коалицијата постои конкуренција, но дека тоа не влијае на нивните стратешки избори.

Вчера претседател Александар Вучиќ исто така ги повика Србите на Косово на изборите на 6-ти октомври да гласаат во што е можно поголем број за кандидатите на Српска листа Тој посочи дека постојат две можни опции за масовно манипулирање со изборите во Косово – кражба по пошта и писма или преку невалидни гласачки ливчиња за да се добијат лажни гласови за Србите, додавајќи дека странците воделе кампања против Српската листа затоа што им пречи фактот што таа се повикува на Белград.