И денес невреме и штети во Тетовско – се приближува и кон Скопје

Повторно невреме и пријави за штети во Тетовско, а сега стигна и најава за невреме во Скопје, каде веќе дува силен ветер.

На 112 во ЦУК е добиена пријава од вработен во ресторан „Шари“, Лисец (Општина Тетово) кој информира за оштетување на повеќе коли од невремето, на паркингот на угостителскиот објект. Се очекува увид од надлежните служби.

Во 19:49 часот е добиена пријава на 112 во ЦУК дека во повеќе дворови на ул „Иво Лола Рибар“ во Тетово има влезено вода од улицата после обилните дождови. Има материјална штета.

На 112 во ЦУК е добиено известување за излевање на водата од канализацијата на ул. „169“ во Тетово. Водата што се излева од канализација навлегува во дворовите на жителите во ова подрачје и преставува опасност за поплавување на нивните семејни домови.

Добиена е информација на 112 во ЦУК за поплавени подруми од семејни куќи на ул. „172“ во правец кон Сточниот пазар во Тетово.

Од УХМР известуваат дека Полошкиот регион е зафатен од нестабилна воздушна маса проследена со обилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и локална појава на дожд и град („суградица“).

Исто така, од Радарски центар „Ѓуриште“ телефонски известија во ЦУК дека иста е состојбата и во Гостиварско и во Кумановско, како и дека нестабилната облачна маса се движи кон Србија.

Од УХМР известуваат дека нестабилната маса од Полошкиот регион се приближува кон западниот и северозападниот дел од Скопје. Од појави моментално има силен ветер, а се очекува наскоро и пороен дожд и грмежи.