И денес успешен состанок меѓу ЕВН и жители на Слупчане

Успешен состанок одржаа претставниците на ЕВН и жителите на Слупчане, потврдија за МИА од компанијата и од Oпштина Липково. На денешниот состанок се финализираат техничките детали поврзани со модернизирање на мрежата во селото. Во понеделник, ќе има уште еден состанок.

-Денескa повторно се одржа успешен состанок меѓу претставници на ЕВН и претставници на селото Слупчане. На состанокот се финализираа техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Во понеделник ќе се одржи последниот состанок, по кој следува спроведувањето на проектот, велат од ЕВН.

Претседателот на Советот на Општина Липково, Зекирија Шаини изјави дека се очекува да се финализираат некои финеси и детали и да се почне со модернизација на мрежата.

– Наскоро очекуваме да почне и модернизација на мрежата во селото, кажа Шаини.

Претходниот месец во два наврати жителите на Слупчане остануваа без електрична енергија и испратија барања до ЕВН. Од компанијата, тогаш посочија дека поголем дел од слупчанци не плаќаат струја. На 27 јули беше постигнат договор кој наскоро треба да биде потпишан. Според последни информации модернизирањето на мрежата треба да почне на 9 август годинава.