И во овие моменти загадувањето на воздухот, речиси во сите општини е неколку пати над максимално дозволеното ниво, пренесува Канал 5.
Уште една зима во главниот град каде сликата во вечерните часови е иста – намален интензитет на сообраќај, индустриски погони кои работат во полн ек, палење дрва и други деривати во домовите за греење, но и на јавните површини. Токму загревањето на домаќинствата е посочено како главен виновник за аерозагадувањето за кое институциите постојано апелираат на претпазливост.
Камерата на Канал 5 доцна синоќа детектираше ново жариште на оган на отворено. Густиот чад и магла од запалени гуми и шут надвисната над населбата Злокуќани е уште еден показател дека, барем засега, работата на инспекциите е недоволно успешна.
Граѓаните кои ги анкетиравме велат дека свеста кај секоја единка да внимава и да допринесе за чист воздух речиси е рамна на нула. Институциите вложуваат напори но нема ефект – и тоа поради незаинтересираноста и несмасноста кај луѓето.
Надлежните институции многу пати посочија дека овој проблем го гледаат во големата достапност и ниската цена на нееколошките средства наспрема сиромаштијата, што ги приморува граѓаните да користат неквалитетни деривати за да се згреат. Дел од квалитетното, но и неквалитетното дрво, разен мебел и даски имааат и лепило, што дополнително го загадуваат воздухот со други отровни супстанци.