![donnarumma](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/07/donnarumma.jpg?resize=696%2C397&ssl=1)
Голманот на италијанската фудбалска репрезентација и францускиот првак Пари Сен Жермен, Џанлуиџи Донарума и неговата партнерка биле ограбени во нивниот дом во Париз ноќта меѓу четвртокот кон петокот, објавија француските медиуми.
Донарума бил „лесно повреден“ за време на грабежот, додека неговата партнерка, за среќа, не била повредена. Разбојниците ја врзале двојката и им се заканувале со оружје во апартманот, а други детали засега не се познати.
Според полициски извори, штетата во моментов се проценува на половина милион евра во „часовници, накит и луксузна кожна галантарија“, а сторителите моментално се во бегство.
Според порталот Act17, полицијата била повикана од персоналот во блискиот хотел каде двојката се засолнила по грабежот околу 3 часот наутро, кога се ослободиле од јажињата со кои биле врзани. Италијанскиот голман и неговата девојка по нападот биле префрлени во болница во состојба на шок.
Донарума е последниот во низата играчи на ПСЖ кои беа жртви на провални кражби во последниве години, вклучувајќи ги Пренел Кимпембе, Маркињос, Тиаго Силва, Анхел Ди Марија, Дани Алвеш, Ерик Максим Чупа-Мотинг, Серхио Рико и Мауро Икарди.
Донарума во саботата требаше да замине за Јапонија, каде парискиот клуб ја одржува претсезонската турнеја.