И две минимални плати се малку за да се преживее месецот

Две минимални плати биле недоволни за подмирување на основната потрошувачка кошничка за месец септември. Од Сојузот на синдикатите на Македонија, ССМ, пресметаа дека 120.000 граѓани не заработуваат ниту половина од потребните основни трошоци, односно работат за минимална плата.

Нивните пресметки покажале дека за месец септември биле неопходни минимум 48.379 денари за просечните месечни потреби на едно четиричлено семејство. Иако нотираат дека во септември потрошувачката кошница поевтинила за 966 денари, споредено со претходниот месец, како резултат на одлуката за загарантирани цени, сепак, сега со повторното покачување на ДДВ-то на одреден број артикли, од 5 на 10 отсто, тој ефект ќе се анулира.

Од ССМ потсетуваат дека податоците од Државниот завод за статистика од 2020 година покажуваат дека дури 21,8 отсто од населението во земјава живее во сиромаштија. Ја повикаа Владата да ја преиспита својата одлука и да го коригира списокот со производи на кои им се покачува данокот,.

Владини претставници вчера изјавија дека повторно ќе се разгледува списокот со околу 1.000 производи, бидејќи, како што рекоа, можеби е направена техничка грешка и ќе треба да се направи корекција. Според нив, покачувањето на данокот нема да се одрази врз семејниот буџет, затоа што станува збор за луксузни производи, како и за намирници кои се штетни по здравјето на граѓаните.