Стратегијата на Министерството за здравство за дисперзија на дел од зависниците, која имаше за цел решавање на долгогодишниот проблем на жителите на Кисела Вода со Центарот за зависности, го прелеа незадоволството и низ другите скопски општини. По аеродромци, на протест излегоа и жителите на Ченто. Граѓаните велат дека немаат ништо против овие лица да се лекуваат, но дека местото за такво нешто не е клиниката во нивната населба, каде има училишта и градинки.
„Ние немаме против луѓето што земаат метадон, но тука има школо има градинки значи. Ние сме против таа одлука на Министерство за здравство да се направи пункт за делење на метадон“, вели еден од жителите на Ченто.
„Тоа е болест, треба да се лечи, ама не овде, не во ова населено место, значи стварно е жално, жално е ова што се случува. Жално е не викам не, ама нека се лечат на друго место, некаде во некој објект на периферија“, вели друг жител на Ченто.
Трет граѓанин на оваа населба смета дека тие деца навистина треба да се лечат, не е против, ама не во нивната амбуланта.
„Овде еве го позади нас пазарот, башка школо едно има, друго, трето. Ова е срамота овде, во Собрание нека решат, нека направат зграда некоја, не овде населено место е, на друго место би требало да направат“, вели тој.
Проблем според жителите на Ченто е и раздвиженоста во овој дел населбата, со оглед на тоа што клиниката е спроти тамошниот пазар. Тие велат дека пензионерите често се жртва на грабежи од зависниците, кои според нивните зборови и без отворањето на овој центар биле проблем и досега во оваа населба.
„Жално е за децата што се движат, еве јас лично носам внуци, се враќам. За пензионерите, знаете ли колку случки има. Излегува од банка, доаѓаат ги лажат, ги манипулираат пензионерите, им ги земаат. А дури тогаш, досега зборувам, а одсега натака. Нели е срамно и жално? Зар нема објекти напуштени надвор од населениево да го решат тоа, има институции што треба да мислат зар ние треба да мислиме, ние треба да мислиме, ние не сме платени за тоа“, категиричен е епнзионер од населбата.
Иако незадоволството кај граѓаните е големо, пред се поради тоа што новите центри се во населени места, меѓу училишта и градинки, Венко Филипче вели дека ваквото решение е целосно решавање на проблемите.
„Дисперзија воопшто не значи преселување на тој проблем на повеќе места, туку целосно решавање на сите проблеми што се однесува на давањето на ваков тип терапија и едноставно начинот на лекување на овие пациенти“, рече Филипче.
Проблемот со центарот за зависници први го актуелизираа жителите на Кисела Вода, кои поради расфрланите шприцеви и игли излегоа на протест и побараа дислокација на објектот од нивната населба. Нивното незадоволство го донесе првото решение на министерот за здравство Венко Филипче, најавена беше преселба во објект во општина Гази Баба. Но, овој план преку ноќ пропадна, откако граѓаните излегоа на протест против предлогот Центарот да биде сместен во поранешната менза на фабриката „Металски Завод Тито“.
Најновото решение на здравствените власти е од септември да спроведат дисперзија на зависниците низ повеќе здравствени установи, и тоа во поликлиниката „Јане Сандански“, во населба Ченто, Бардовци и во Градската општа болница „8-ми Септември“ во Карпош.