И грчкиот печат јави дека Александар пристигна во Археолошкиот музеј на Македонија

Пристигнувањето на Александар Македонски во Археолошкиот музеј во македонската престолнина не помина незабележано и од грчкиот печат. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, под насловот @Скопје: направија восочни фигури од Александар, Филип Втори и Олимпија”, весникот Имерсија пишува:

„Петнаесетте восочни фигури вклучувајќи ги Александар Велики, Филип Втори, Олимпија, Аристотел, Флавијан и Цар Самуил, ќе бидат сместени во новиот археолошки музеј во Скопје, што ќе биде отворен во претстојните месеци”, се вели во текстот.

Весникот информира дека овие восочни фигури кои што ќе бидат во човечка големина, се нарачани од Русија и дека освен нив, на влезот на новиот музеј ќе биде изложена и копја од саркофагот на Александар.

„Новиот археолошки музеј на Македонија се наоѓа во центарот на Скопје, изграден на бреговите на реката Вардар, која што минува низ градот, а архитектурата на зградата го следи неокласичниот стил”, пишува порталот Хеспао, коментирајќи дека ова била „нова провокација од Скопје”.

Грчкиот печат потсетува и дека за време на транспортот на предметите од старата во новата зграда на Археолошкиот музеј, 166 експонати исчезнале.

„Македонската полиција пред неколку денови уапси осум лица осомничени за кражба на овие предмети, кои што припаѓаат на различни историски периоди, а се пронајдени на археолошките наоѓалишта во Македонија, особено во Исар – Марвинци во јужниот дел на земјата”, се вели во текстот на Имерсија и другите портали.