И “Hellas force” го бранат Заев: Груевски бил автократ и архитект на националистичката идеологија

Обидите за одбрана за Зоран Заев и натаму доминираат во извештаите на грчките медиуми и интернет портали, кои што со голем интерес секојдневно ги следат случувањата во аферата Пуч, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.

Во обидот за маргинализација на скандалот, во Грција периодов може да се прочитаат голем број на критики и навреди на адреса на премиерот Никола Груевски, македонската Влада, медиумите и експертската јавност.

Весникот “Етнос” коментира дека македонскиот премиер тргнал во лов на вештерки гонејќи го политичкиот опонент, а тврдат и дека владини кругови се обидувале да ја внесат Грција во овие наводни интриги.

“Остатокот од танцот на интригата беше виден кон средината на неделата со видеото кое што најпрвин се појави на интернет, а потоа беше објавено од владините медиуми, во врска со состанокот на Груевски и Заев во премиерската зграда и во кое што лидерот на главната опозициска партија наводно вели дека разговорите му биле дадени од странски служби кои што не се од регионот”, пишува весникот.

И порталот “Hellas Force” го брани Зоран Заев. На дел од македонските медиуми им “замеруваат” затоа што наводно не ја почитувале пресумпцијата на невиност за опозицискиот лидер. Тие ја критикуваат и експертската јавност која што деновиве коментира на оваа тема, тврдејќи дека дел од нив прв пат се појавуваат на медиумите и дека наводно биле од кругови блиски на премиерот Груевски.

“Тежината на отпорот е несомнена, исто како и речиси целосната автократија на Никола Груевски. Архитектот на етноцентристичката националистичка идеологија сега е тргнат кон Зоран Заев и СДСМ и останува да видиме каква ќе биде динамиката на настаните кои што ќе произлезат од објавувањето за детонација на бомбата”, коментира грчкиот портал.

Тие тврдат и дека во Македонија имало во најмала рака, авторитарен режим.

Јужниот сосед и овој пат се чини дека е на иста линија со ставовите на СДСМ. Идентично како и за претходната шпионска афера Шпион и овој пат како СДСМ така и јужниот сосед се обидуваат да ги маргинализираат случаите и да ги претстават како фабрикувани, не штедејќи при тоа во нападите и обвинувањата упатени кон македонската влада, Премиерот, медиумите и експертската јавност.