И Македонија е киднапирана од левичарски НГО и УСАИД, вели Крис Павловски

„И Македонија е киднапирана од левичарски невладини организации и УСАИД. 290 милиони долари сега ќе бидат заштедени за Американците“.
Ова на социјалната мрежа X го напиша Крис Павловски, канадски бизнисмен чии родители се од Македонија, и е основач на платформата Rumble, која е дизајнирана како алтернатива на YouTube.

Минатата недела, администрацијата американскиот претседател Доналд Трамп ја суспендираше американската странска помош која оди преку УСАИД, ставајќи за оваа агенцијата за меѓународен развој под директна своја контрола. Трамп се одлучи на ваков чекор со образложение дека дека спроведува ревизија за да се осигура дека помошта од десетици милијарди долари е во согласност со доктрината на надворешната политика на Трамп „Америка на прво место“ и дека не е губење пари на даночните обврзници.

Околу 40 милијарди долари, изнесува годишниот буџет на организацијата. Трамп и републиканците со години го опишуваа како расипничко трошењето за странска помош во администрациите на Барак Обама и Џо Бајден.

Генерално, помошта на САД во Македонија се менаџираше преку проекти на амбасадата и преку агенцијата УСАИД, а сега се прекинаа исплатите за македонскиот невладин сектор за најмалку 90 дена.

Според информацијата што ја посочи Павловски, помошта преку УСАИД за Македонија, за периодот од 2020 до 2024 била 290 милиони долари.

Според информации во медиумите, УСАИД ја финансирала фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос за соборување на власта во Македонија и поддршка на левичарски агенди НГО.

Ова тврдење според кое финансирањето се случувало во времето вториот мандат на Обама до 2016 година го објавува американската истражувачка новинарка и интернет личност Мериса Хансен на социјалната мрежа Х.

„УСАИД даде речиси 15 милиони американски долари на Фондацијата Отворено општество на Џорџ Сорос само во последните четири години на функцијата на Обама, која спроведува обемна работа во регионот на Западниот Брег/Палестина – сепак финансирањето беше првенствено за операциите на Сорос во Албанија и Македонија“.

Хансен која пренесува тврдења според кои Сорос, преку неговите Фондации Отворено општество, влијаел на македонската политика, особено со тврдењата за финансирање насочени кон поддршка на левичарските политички партии или агенди.

„Ова влијание беше искористено за поттикнување политички немири или притисок за промена на режимот, особено за време на политичката криза во Македонија околу 2015-2017 година.
Во март 2017 година, писмо до државниот секретар Рекс В. Тилерсон, шестмина американски сенатори го повикаа секретарот да ги истражи односите меѓу УСАИД и фондациите на Сорос и како американските даночни долари ги користат Стејт департментот и УСАИД за поддршка на левицата – политички групи од центарот кои се обидуваат да наметнат левичарски политики во земји како Македонија и Албанија”, пишува Хансен.

Крис Павловски стана особено познат на македонската јавност последните месеци, прво по летната посета на новата македонска влада, а и по средбата неодамна што во Вашингтон ја имаше со премиерот Христијан Мицкоски.

„Директно од аеродром на состанок… во Вашингтон имав исклучително продуктивен долг состанок со мојот пријател Крис Павловски сопственик на ‘Рамбл“. Капиталот на Павловски од ‘Форбс’ е проценет на 1,2 милијарди долари“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.

Денеска, пак, американскиот претседател Доналд Трамп го именуваше Мајкл Елис, кој е правен советник во компанијата Rumble на Павловски, за заменик директор на Централната разузнавачка агенција ЦИА. Елис беше дел од делегацијата предводена од Павловски која ја посети Македонија во јули.