И Максим Димитриевски се вклучува во трката за шеф на државата

Максим Димитриевски ќе биде кандидат за претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, соопшти денеска партискиот портпарол Никола Мемов.

Како што соопшти Мемов на прес-конференција, од утре почнува постапката за собирање потписи.

Според него, граѓаните првпат ќе имаат можност да гласаат за одредена опција, а не како досега, да гласаат против.

– Очекуваме победа. Нашата анализа покажува дека Димитриевски ќе влезе во вториот круг, за потоа да имаме и конечна победа. Ги повикуваме граѓаните да ја поддржат кандидатурата на Димитриевски во општинските канцеларии на ДИК – нагласи Мемов.

По завршената внатрепартиска постапка Извршниот одбор на движењето ЗНАМ – За наша Македонија донесе одлука да му предложи на првиот конгрес кандидат за претседател на Македонија од редовите на ЗНАМ да биде Максим Димитриевски. На Македонија ѝ е потребен татко на нацијата, чувар на идентитетот и заштитник на историјата. На Македонија ѝ е потребна предвидливост, надеж, стабилност, сигурност, правда, иднина. На Македонија ѝ е потребен претседател којшто ќе го даде максимумот за неа. На Македонија ѝ е потребен Максим Димитриевски, додаде Мемов.