И „Mercedes-Benz“ продал помалку возила во 2024.

Германскиот производител на луксузни автомобили „Mercedes-Benz“ во петокот објави дека продал помалку возила во 2024 година, со послаби резултати остварени во Кина.

Компанијата продала 2,39 милиони автомобили и комбиња минатата година, што е за 4 отсто помалку отколку во 2023 година.

Падот на продажбата бил донекаде ублажен во четвртиот квартал благодарение на благото закрепнување на кинескиот пазар. Продажбата на патнички автомобили во Кина падна за 7 отсто минатата година, и покрај закрепнувањето во четвртиот квартал кога се зголеми за 3 отсто.

Кина е најважниот пазар за сите водечки германски производители на автомобили, но тие од неодамна се борат со жестоката домашна конкуренција, особено во секторот на електрични возила и трговски тензии.

Продажбата на автомобили на батерии во Кина силно расте, но вкупната побарувачка е сè уште слаба поради економското забавување. „Mercedes-Benz“ минатата година продаде 23 отсто помалку електрични возила отколку во 2023 година, а падот благо се продлабочил во четвртиот квартал.

Германскиот автомобилски гигант „Volkswagen“ (VW) во четвртокот објави дека продал 1,4 отсто помалку автомобили од својата основна марка во штотуку завршената година, со пад од 8,3 отсто во испораките во Кина. Продажбата на електрични возила е намалена за 2,8 отсто.

„2024 беше тешка година ширум светот, со оглед на слабата економија, политичките предизвици и силната конкуренција, особено во Кина“, изјави шефот за продажба на VW, Мартин Зандер.