И официјално забранета работата на УНРВА во источен Ерусалим и Израел

Денеска стапи во сила одлуката на израелските власти за забрана на работата на Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа за палестинските бегалци (УНРВА) на територијата на Источен Ерусалим и Израел.

Забраната, која израелскиот парламент ја усвои пред три месеци, стапи во сила откако израелскиот Врховен суд го одби барањето за суспендирање на забраната, пишува Скај Њуз.

Израел ја обвини УНРВА дека е поврзана со Хамас во Појасот Газа, што организацијата го негира. Девет вработени во УНРВА беа отпуштени поради нивната наводна вмешаност во терористичките напади на 7 октомври.

И покрај тоа што неколку земји го прекинаа финансирањето на организацијата, повеќето донатори, вклучително и Велика Британија, продолжија да обезбедуваат средства за Агенцијата.

-УНРВА е исто што и Хамас, рече портпаролот на израелската влада, додавајќи дека Израел објавил, како што тврди, „непобитни докази“ за присуството на членови на Хамас во рамките на УНРВА. Сепак, докази за такви врски во Ерусалим и Западниот Брег не се презентирани.