Во текот на целиот летен трансфер период, медиумите ширум Европа пренесуваа за наводниот интерес на Ливерпул за напаѓачот на Милан, Марио Балотели.
Иако неколку пати официјални лица од двата тима демантираа дека постои некаков интерес и преговори, сепак утрово како бомба одекна веста дека челниците на Ливерпул и Милан веќе се на преговарачка маса, а тема на разговорите е проблематичниот напаѓач и неговиот евентуален трансфер во англискиот тим.
Менаџерот на Ливерпул, Брендан Роџерс на италијанскиот голгетер гледа како на идеална замена за Уругваецот Луис Суарез, кој летово се пресели во каталонскиот гигант Барселона. Иако самиот Роџерс на неколкупати нагласуваше дека неговиот тим нема потреба од играч каков што е Балотели, очигледно тоа бил добар трик а се со цел да се сокријат деталите од преговорите, како би поминале со што помалку фама.
Сепак, преговори сепак постојат, а ако може да се верува на медиумите во Англија и Италија, понудата која Ливерпул ја доставил до Милан е 25 милиони евра. Балотели би потпишал 4-годишен договор и би заработувал 5 милиони евра по сезона.
Со овие средства Милан веднаш ќе го доведе напаѓачот на Торино, Алесио Черчи, а до крајот на преодниот рок ќе се обиде да го доведе и бразилецот Даглас Коста од редовите на украински Шахтјор.