И оваа година Владата не дозволува прослави за Нова Година на трошок на буџетот и граѓаните. Одлуката за скратување на луксузирањето Владата ја има донесено на седница и таа веќе е испратена до буџетските корисници.
„Во пресрет на претстојните новогодишни празници Владата на Република Македонија одлучи и оваа година да продолжи да важи мерката со која се предвидува органите на државната управа, јавните претпријатија, фондовите, агенциите и акционерските друштва во државна сопственост да не одржуваат прослави на државен трошок, да не доделуваат новогодишни пакетчиња со буџетски средства, и да не исплаќаат регрес за годишен одмор, и ги задолжи овие субјекти да ја почитуваат оваа мерка“, изјави за Курир, владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Ѓорѓиев додава дека Владата на Република Македонија препорачува оваа мерка да ја применуваат и регулаторните тела, единиците на локалната самоуправа, градинките, основните и средните училишта.
Од појавата на светската економска криза и европската должничка криза вакви ограничувачки одлуки имаат донесено и поголем број на други влади во светот.