На денешен ден пред 27 години врз претседателот Киро Глигоров беше извршен атентат, а оттогаш иако имаше бројни заложби и ветувања дека нарачателите и извршителите ќе бидат пронајдени и донесени пред лицето на правдата, досега нема никакви конкретни резултати, а атентатот врз првиот македонски претседател паѓа во заборав.
Во историјата ќе остане запишано дека на 3-ти октомври 1995 година врз претседателот беше извршен неуспешен обид за атентат. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата.
На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, поранешен министерс за земјоделство во тој момент пензионер, кој беше случаен минувач на местото на експлозијата.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3-ти октомври во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол” во Скопје, кога Глигоров со службено возило се движел од неговата резиденција до работното место во Собранието. Импорвизираната експлозивна направа, поставена во автомобил „АМИ 8“, експлодираше кога автомобилот на претседателот поминувал покрај него.
Од силината на експлозијата, „ситроенот“ беше целосно распарчен, а делови од возилото се разлетале наоколу. Експлозивната направа е производство на ЈНА, а содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имале смртоносно дејство во радиус од околу 50 метри.
Во годините што следуваа се случија неколку мистериозни самоубиства и смртни случа на лица поврзани со обидот за убиство на тогашниот македонски претседател, но ниедно од нив не беше решено со профатливо за пошироката јавност објаснување.
За обидот за атентат врз него, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа“, што ја промовираше во 2002 година.
Првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров почина од природна смрт на 94 годишна возраст на 1- ви јануари 2012 година.