И покрај големите проблеми, одличен настап на Иџе во Мисано

Тимот на Игор Стефановски Иџе го оспособи автомобилот за втората трка на Мисано по несреќниот инцидент во саботата, а напорната работа на крајот беше наградена со добриот пласман на популарниот македонски автомоболистички ас.

Македонскиот возач конечно беше поштеден од ривалите и не беше удрен или истуркан од патеката, па така денешната втора трка на Мисано ја заврши на осмата позиција.

Краткото време за поправка на автомобилот по вчерашниот несовесен удар од еден од ривалите не му остави простор на Стефановски да се бори и за повисок пласман, но дефинитивно позитивна вест е што ја заврши втората трка на познатата патека.

Инаку, победник на втората трка во Мисано во рамките на првенството ТЦР Италија беше Анти Бури, кој заврши девет секунди подобро од нашиот претставник во италијанското автомобилистичко натпреварување.