„Иако трговската размена на Македонија со Русија изнесува околу 1 отсто од вкупната размена на земјата со странство, а размената со Украина е околу 1,5 отсто, со што конфликтот нема директно влијание врз трговскиот баланс, сепак прелевањето на кризата на европските пазари, со кои нашата земја остварува најголемата трговска размена, има големо влијание врз економијата“.
Ова го изјави министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на Делфи економскиот форум, што се одржува во градот Делфи во Грција.
На панелот насловен „Како кризата во Украина влијае на економиите во регионот“ Бектеши се осврна на негативните ефекти на украинската криза, врз македонската економија и брзиот одговор на Владата за ефикасно справување со ценовниот шок.
„Многу се важни инвестициите во енергетска диверзификација за да се намали зависноста од рускиот гас. Северна Македонија веќе презема активности за реализација на вакви проекти, пред се изградбата на интерконекторот за природен гас со Грција. Тоа ќе донесе поголема енергетска стабилност и безбедност во целиот регион. Затоа е потребна брза интеграција на Балканот во Унијата за просперитет на целиот регион”, кажа Бектеши.
Тој потсети дека Владата донесе пакет од 26 мерки за замрзнување на цените на основните прехранбени производи и ограничување на маржите во трговијата, вреден околу 400 милиони евра. Заедно со претходните мерки од минатата година, сумата што досега е издвоена за ублажување на ценовните шокови кон граѓаните е 615 милиони евра.
И покрај очекувањата за стабилизација на економијата по преземените мерки од Владата, според Бектеши, сепак неизвесноста во наредниот период останува и ќе се комуницира со соседните земји на Балканот и ќе се координираат политиките кои се преземаат за справување со кризата во делот на прехранбените производи.