И покрај протестите, францускиот сенат го усвои предлогот за пензиска реформа

Францускиот сенат го усвои синоќа, 11 март, планот за пензиска реформа на претседателот Емануел Макрон со 195 гласа „за“ и 112 „против“, пренесуваат агенциите.

Клучната одредба на овој предлог закон е кревање на старосната граница за пензионирање за две години, на 64 години старост.

Горниот дом на францускиот парламент гласаше за текстот по седмиот ден протести низ целата земја против планот.

Повеќето граѓани се против предложената реформа, покажуваат истражувањата на јавното мислење.

Откако Сенатот го усвои предлог законот, ќе го разгледа заедничкиот пратенички одбор на двата дома на парламентот, веројатно во среда, 15 март.

Ако одборот се согласи околу текстот, конечното гласање во двата дома веројатно ќе се одржи во четврток, но исходот на гласањето е и понатаму неизвесен во долниот дом, Народното собрание, каде на партијата на Макрон ѝ се потребни гласовите на сојузниците за мнозинство.

За среда се планирани нови штрајкови и протести низ земјата.

Меѓутоа, доколку владата на Макрон не го собере потребното мнозинство, би можело да се употреби ретко користеното и многу контроверзно средство, познато како член 49/3, за да се истурка законот без гласање.

Членот 49 параграф 3 на уставот на Франција се бави со административниот ангажман „преземање на одговорноста“ (de responsabilite), кој ѝ дозволува на извршната власт да изнуди усвојување на законодавен текст освен ако опозицијата не воведе гласање за недоверба, кое има мали шанси да биде усвоено, бидејќи подразбира и распуштање на законодавната власт до нови избори.

Овој дел од уставот, како што пишува Монд, му дозволува на премиерот, „по разгледувањето од Советот на министри“, да го протурка предлог законот низ Националното собрание без гласање. Единствената алтернатива да се спречи усвојување на законот е уривање на владата. Кога премиерот ќе ја почне оваа процедура, пратениците имаат опција во рок од 23 часа да поднесат предлог за изгласување недоверба. Ако се добие мнозинство гласови, законот се отфрла и владата паѓа. Следниот логичен потег би бил претседателот да го распушти собранието и да распише предвремени избори.