Норвешка во средата понуди големи области на морското дно на Арктикот за истражување минерали и има намера да им додели лиценци на компании во првата половина на 2025 година, соопшти Министерството за енергетика.
Норвешка на тој начин би можела да стане првата земја во светот што ќе започне со комерцијално подводно ископување со надеж дека ќе извлече минерали потребни за соларни панели, турбини на ветер и батерии за електрични автомобили, како што се тврди во Осло.
„На светот му се потребни минерали за зелената транзиција и владата сака да истражи дали е можно одржливо да се извлечат минерали од морското дно на норвешкиот континентален гребен“, рече министерот за енергетика Терје Асланд во изјавата.
Прелиминарните официјални проценки покажуваат, според владата, значителни акумулации на метали и минерали, кои се движат од бакар до ретки ткни земјини минерали.
Во јануари, норвешкиот парламент гласаше за отворање на околу 280.000 квадратни километри од морското дно за истражување минерали, што се протега од островот Јан Мајен до архипелагот Свалбард.
Во средата, владата понуди области што покриваат околу 38 отсто од одобрената површина и ги избра врз основа на интересите во рударскиот сектор, соопшти Министерството за енергетика.
Екологистите имаат намера да ги оспорат плановите на владата на суд. Областа понудена за истражување е „шокантно голема“ со оглед на предупредувањата на научниците за можното влијание врз чувствителните екосистеми, нагласи во средата Гринпис.
На планираното истражување се спротивставуваат и земји како Франција и Европскиот парламент, повикувајќи на глобален мораториум за подобро проучување на влијанието врз организмите во длабоките мориња.
Норвешката влада тврди дека почетната фаза на истражување ќе има минимално влијание врз организмите и дека компаниите ќе треба да добијат посебна дозвола за рударство.