Владата на Австрија работи на ново олеснување на епидемиолошките мерки и има намера да го укине карантинот за заразените со корона вирусот од 1 август.
Иако лекарите и властите на градот Виена се противат, се подготвува уредба со која ќе се укине карантинот и ќе се замени со обврската заразените со ковид да носат маски при излегување од дома, без разлика дали се на работа или во дискотека.
И покрај новиот рекорден раст на бројот на заразени, канцеларот Карл Нехамер и министерот за здравство Јоханес Рауч работат на нова регулатива за коронавирусот што ќе донесе укинување на карантинот. Според таа регулатива, сите заразени ќе мора постојано да носат маска надвор од куќата во затворени простори.
Само на отворено не мора да се носат маска, и тоа таму каде може да се одржува физичка дистанца од два метра.
Меѓутоа, во парковите или на фреквентните улици, мора да се носи маска. Покрај маската, на заболените ќе им се забрани влез во установи каде има ризични групи, како здравствени установи, градинки, основни училишта. Оваа забрана не важи за ресторани, ноќни клубови и спортски стадиони, бидејќи заразените можат да влезат таму со маска.
Ако некој што е заразен не може да носи маска од медицински причини, не може да оди на работа. Овој предлог-регулатива беше критикуван од бројни лекари, но и од градот Виена, кој смета дека е погрешно да се укине карантинот, бидејќи тоа само би довело до дополнителна експлозија на бројот на заразени лица.