И покрај санкциите, милијарди долари и евра во банкноти завршија во Русија

Откако САД и ЕУ го забранија извозот на нивните банкноти во Русија во март 2022 година поради инвазијата на Украина, оттогаш во таа земја пристигнаа банкноти во износ од околу 2,3 милијарди долари во долари и евро, според царинските податоци во кои увид имал Reurers.

Податоците, кои се објавуваат првпат, покажаа дека Русија успеала да ги заобиколи санкциите што ги блокираат трансферите на готовина и сугерираат дека доларот и еврото остануваат корисни за трговија и патувања, иако Москва се обидува да ја намали својата изложеност на главните светски валути.

Царинската евиденција покажува дека готовината била префрлена во Русија од земји, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати и Турција, кои немаат ограничувања за водење бизнис со Русија. За повеќе од половина од вкупниот број на банкноти, земјата на потекло не е наведена во тие записи.

Во декември минатата година, американската влада се закани дека ќе ги казни финансиските институции кои ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи санкциите и воведе санкции за компании од трети земји во текот на 2023 и 2024 година.

Кинескиот јуан го надмина доларот по популарност и стана најтргувана странска валута во Москва, иако постојат значителни проблеми со плаќањето. Дмитриј Полевој од „Astra Asset Management“ со седиште во Русија смета дека многу Руси сè уште сакаат западни валути за патување во странство, како и за помал увоз и за штедење. „За поединци, доларот е сè уште сигурна валута“, изјавил тој за Reuters.

Во 2022 година, Русија ги означи доларот и еврото како „токсични“ валути, бидејќи големите санкции ѝ го прекинаа пристапот до глобалниот финансиски систем, попречувајќи ги плаќањата и трговијата. Во Европа се замрзнати околу 300 милијарди долари девизни резерви на централната банка на Русија.

Портпаролот на Европската комисија рече дека не може да коментира за поединечни случаи на примена на санкции. Тој нагласи и дека Европската унија соработува со трети земји кога се сомнева дека се заобиколуваат санкциите.

Царинската евиденција го опфаќа само периодот од март 2022 година до декември 2023 година. Reuters не можел да пристапи до поновите податоци.

Ограничени одливи

Руската централна банка брзо го ограничи повлекувањето готовина во странска валута по инвазијата на Украина, во обид да ја поддржи ослабената рубља. Според податоците, само 98 милиони долари во банкноти во долари и евро ја напуштиле Русија во периодот од февруари 2022 година до крајот на 2023 година.

Наспроти тоа, девизните приливи биле многу поголеми. Најголем прилив на девизи пријавила малку познатата компанија „Аеро-Трејд“, која нуди бесцарински шопинг услуги на аеродромите и на летовите. Во тој период објави околу 1,5 милијарди долари на сметки. „Аеро-Трејд“ регистрирал 73 пратки од по 20 милиони долари или евра, а сите пристигнале преку московскиот аеродром Домодедово, меѓународен транспортен јазол во близина на седиштето на компанијата. Пратките се опишани во царинските декларации како размена или приходи од трговија на брод.

Во повеќето случаи, „Аеро-Трејд“ е наведена само како субјект кој подготвува и доставува царинска документација. Reuters не бел во можност да ги идентификува клиентите на „Аеро-Трејд“, ниту можел да го одреди изворот или дестинацијата на готовината. Сопственикот на „Аеро-Трејд“, Артем Мартинјук, изјавил за Reuters дека се сомнева во автентичноста на царинските записи. Тој одбил да коментира повеќе. Во писмена изјава на компанијата се вели дека „Аеро-Трејд не се занимава со снабдување на Русија со тврда валута“.

Според царинската евиденција, една пратка од 20 милиони евра којашто ја обработила „Аеро-Трејд“, во февруари минатата година увезла „Yves Rocher Vostok“, филијала на француската козметичка групација „Yves Rocher“, која работи со десетици продавници во Русија. Податоците не ја наведуваат земјата на потекло или името на добавувачот.

Матичната компанија во Франција, групацијата „Rocher“, објави дека ниту групата а ниту „Yves Rocher Vostok“ никогаш немале никаква врска со „Аеро-Трејд“, ниту, пак, го побарале предметниот трансфер. „Yves Rocher Vostok, како и сите ентитети на групата Rocher, се придржува кон законот“, изјавил портпаролот на групата. „Групацијата никогаш не се обидела и нема да се обиде да ги заобиколи санкциите за увоз на банкноти на долари и евро во Русија“, додаде тој.

Злато, оружје, банкарство

Повеќе од една четвртина од банкнотите од 2,27 милијарди долари биле увезени од банките, главно како плаќање за благородни метали, според царинската евиденција и лице запознаено со трансакциите.

Неколку руски банки примиле готовина во вредност од 580 милиони долари од странство во периодот меѓу март 2022 и декември 2023 година и извезле приближно еднакви количества благородни метали. Во многу случаи, пратките со злато или сребро оделе кај фирмите кои ги испорачувале банкнотите, покажуваат податоците.

На пример, рускиот заемодавач „Витабанк“ увезол 64,8 милиони долари во банкноти од турската компанија за трговија со злато „Demas Kuyumculuk“ во 2022 и во 2023 година. Во истиот период, „Витабанк“ ѝизвезла 59,5 милиони долари во злато и сребро на таа турска компанија.

Неименуван извор запознаен со операциите на „Demas Kuyumculuk“ потврдил дека компанијата била вклучена во серија трансакции на готовина за злато во кои се вклучени „Витабанк“ и два други руски заемодавачи меѓу март 2022 и септември 2023 година. Тој рекол дека испораките на банкноти од Обединетите Арапски Емирати до Русија било единственото решение што „Demas Kuyumculuk“ го нашол за да ги заврши долгорочните договори потпишани пред да стапат на сила западните санкции со руските добавувачи на злато, додека сè уште се придржува во согласност со турските и меѓународните прописи во врска со прекуграничните плаќања. Во третиот квартал од минатата година, откако биле завршени сите предвоени договори со руски компании, „Demas Kuyumculuk“ ја завршил двонасочната трговија, рекол изворот.