И Полска негира дека потпишала договор за враќање на имигрантите со Германија

Официјална Варшава во неделата демантираше дека потпишала договор со Берлин за враќање а имигрантите, како што тоа претходно во саботата го направија уште две други централно европски земји членки на Европската унија – Унгарија и Чешка.

„Нема никаков договор за прифаќање на барателите на азил од други земји од Европската унија, Полска има многу рестриктивна политика на азил и нема да ја менува“, изјави портпаролот на полското министерство за надворешни работи, Артур Ломпарт.

„Го потврдуваме ова, како и Чешка и Унгарија“, додадел Ломпарт.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан го негираше во саботата извештајот дека Унгеарија е наводно една од 14-те земји коишто се подготвени да потпишат договор со Германија за забрзување на процесот на реадмисија на барателите на азил депортирани од Германија. И чешкиот премиер Андреј Бабиш, исто така, решително ја отфрли оваа вест дека меѓу овие земји е и Чешка.

Германската канцаларка Ангела Меркел и претседателка на Христијанско-демократската унија (CDU), испратила извештај под наслов „Повеќе ред и правила во миграциската политика: состојба по ЕУ самитот 28/29 јуни“ на коалициските партнери Христијанско-социјалната унија (CSU) и Социјалдемократската партија на Германија (SPD). Во извештајот се наведува дека 14 земји членки на ЕУ искажале дека се подготвени да потпишат договори со Германија за прием на баратели на азил кои претходно веќе биле регистрирани во нивните земји. Меѓу тие земји се наведени и некои кои изминатиот период беа најгласните во противењето на имигрантската политика на отворени врати на германската канцеларка, вклучително и Унгарија и Чешка.

Земјите од Вишеградската група, исто така, од пред повеќе од две години се противат на распределбата на имигрантите и барателите на азил според задолжителните квоти за земјите членки на ЕУ, којашто беше донесена под влијание на администрацијата на Брисел.