Деновиве топ тема е пописот и во фокусот е колку на број се етнички заедници, колку на број се христијани (и тоа кои?) и муслимани. Според тоа, заклучокот е дека пописот само за тоа служеше. Никој и никаде од власта не спомена колку и од кои општини има најголемо иселување на населението, дали населението ни старее, дали се иселуваат младите? Па нели пописот главно ни служеше за креирање на економски и социјални политики со цел да ја подобриме состојбата во Македонија?
Неколку факти за пописот:
- Во услови на дигитализација и можност за брза обработка на податоци, на Државниот завод за статистика (ДЗС) му требаа 6 месеци за да извади основни податоци од пописот. Ова само фрла сомнеж што се правеше 6 месеци.
- Првиот сет на податоци се однесува за вкупното резидентно население и вкупното нерезидентно население, последново го немаше во претходниот попис. Зошто сега го има?
- Објавените први податоци се однесуваат на резидентно и нерезидентно население според пол, возраст, етничка припадност, вероисповед, мајчин јазик и јазик кој вообичаено се зборува во домаќинствата, број на станови и број на домаќинства. Допрва ќе бидат објавени сетови на податоци за образовните и економските карактеристики на населението, за становите, за домаќинствата, веројатно и на што се грееме…
- Но, главната порака на властите беше дека пописот се планира и спроведува за да се креираат економски и социјални политики. И првиот сет на податоци покажува кои економски и социјални политики очајно и се потребни на Македонија, но до сега ни збор за тоа од власта. А пак вториот сет на податоци кои треба да бидат подетални и кои треба да ги покажат образовните и економските карактеристики на населението не се уште обработени, а нели тие беа најбитни?
- Политичките партии од власта во фокусот ги имаат само етничката припадност и религиската припадност. Интерпретацијата на податоците од пописот покажа дека политичките мотиви биле поголеми од економските или социјалните мотиви, кои треба да служат како основа за конципирање на политики за подобрување на состојбите во нашата држава.
- Факт за ова е што и не ни требаат 20 години да чекаме за да креираме политики. Секоја одговорна влада ако јасно гледа што се случува може и без попис да креира политики. Постојат редовни анкетни истражувања на репрезентативен примерок како што ги прави ДЗС и други институции. Сега пописот се спроведе, ама власта не спомнува ништо за економски и социјални политики!
- Вклучувањето на нерезидентите (што не треба) дали е со цел да се прикажат поголеми бројки на еден етникум и за што е раздробувањето на вероисповеста кај христијаните?
- Голем дел на неопфатени лица со пописот или 7,2% (од административни извори) е доказ за голема статистичка грешка што ја прави понатамошната интерпретација на податоците погрешна и спорна! Дали овие луѓе не сакале да се попишат или попишувачите не ги нашле и не ги попишале веќе е започната и нејасна дебата. Но, спорно е што нив ги нема според етничката, религиската припадност и според јазикот кој го зборуваат, ама затоа ги има во распределбата на бројот на жители по општини, по возраст и пол. И сега како со интерпретација на податоците? Од административните извори нели можеше да се извлечат и податоци за тоа на која етничка заедница припаѓаат?
- И ПОПИСОТ БИДНА. ДАЛИ И ЗА ШТО?
Со целосна заддршка во интерпретацијата на резултатите заради високата статистичка грешка во пописот во 2021 година, да видиме што покажува споредбата на пописот во 2021 година со пописот од 2002 година. Споредбата базира на податоците за резиденти, како што впрочем е исправно и како што треба. За креаторите на политиките, но за оние економски и социјални, важно е следново:
- Главиот заклучок е дека полека ама сигурно исчезнуваме како нација. Населението во Македонија за 20 години е намелено за 9,2%, или за 185.834 лица. Ако направиме симулација земајќи го апсолутниот број на намалено население, тогаш за 100 години бројот на население кое живее во Македонија (резиденти) ќе падне под 1 милион, а за 200 години ќе нѐ нема како нација. Ова е екстрем, но треба да го имаме на ум и затоа веднаш, односно и од вчера требаше да имаме политики за да спречиме масовно иселување на сите етнички заедници, да креираме политики за да ги задржиме младите во државата, да креираме политики за зголемување на стапката на наталитет. Сега проектот за трето дете ќе беше добар нели? Или повеќе финансиска поддршка за младите за претприемачки сопствени проекти? Или пак ослободувањето од придонеси за работодавачите и од данокот на доход за вработување на млади до 29 години? Имаше мерки во минатото, но тие беа дисконтинуирани зошто оваа Влада не гледа стратегиски.
Извор: ДЗС
- Бројот на домаќинства е зголемен за 34.336, додека бројот на станови за 141.031. Но, ако имаме предвид дека станува збор за период од 20 години, бројот на домаќинства во просек годишно се зголемувал за 1.717, а бројот на станови на целата територија во просек годишно растел за 7.052. Во Скопје има зголемување на бројот на домаќинста за 24.605 и на станови за 50.105, а во останатите општини (без скопските општини) бројот на домаќинства е зголемен за само 9.731, а бројот на станови за 90.926. Од куќи, веројатно населението се преселува во станови, но прашањето е дали се полни или празни?
- Иселување, односно намалување на населението има во речиси сите општини во Македонија со исклучок на Скопје (збирно, скопските општини). Вкупниот број на намалување на населението од сите општини (без Скопје) е 205.410, додека во Скопје има зголемување на бројот на жители за 19.576. Ова покажува силна надворешна миграција, но и внатрешна миграција кон главниот град. Надворешна миграција има и од Скопје, но интензитетот на доселување од внатрешноста на државата во главниот град најверојатно е поголем. Мотивите најчесто се економски (поголеми можности за вработување, поголема плата), но силниот интензитет на надворешната миграција покажува дека мотивите лежат и во разочараноста од водењето на државата, од високиот степен на корупција и криминал, од не-владеење на правото, од загадената животна околина, од нискиот квалитет на образование и јавни услуги. Ова е аларм дека декларативните заложби за спроведување на структурните реформи не дале резултат, односно дека нема подобрување. Затоа редно време е да започнеме со нивно практично спроведување, инаку ќе нѐ нема како нација.
- Од вкупно 80 општини, 66 општини имаат помал број на жители во 2021 година споредено со 2002 година. Првите пет општини од каде има најголемо иселување се: Гостивар, Кичево, Струга, Битола и Прилеп. Првите пет општини каде има најголем прираст на жители се: Аеродром, Кисела Вода, Студеничани, Карпош и Шуто Оризари. Значи, се иселуваат и Албанци и Македонци, веројатно и други етнички заедници. Иселувањето не познава различни етникуми!
*Вранештица, Другово, Зајас и Осломеј како општини постојат во 2002 година. Со новата локална власт по изборите на 24 март 2013 г. се во општина Кичево. Затоа и за 2002 година се споени заедно со општина Кичево за да има споредба. Извор: ДЗС.
- Населението старее, односно се иселуваат млади и имаме слаба стапка на наталитет. Наспроти поволната дистрибуција на населението според возрасни групи во 2002 година, која била во полза на повисок процент на млади, и опаѓачки процент на постари лица, со новиот попис учеството на младите лица во вкупното население се намалува, а расте на постарите лица. Така, ако во 2002 година лицата на возраст од 0-39 години биле 59,6% од вкупното население, во 2021 година тие се само 48,4%. Ова е значајно намалување на младите кое покажува дека имаме ниска стапка на наталитет и силно иселување на младите, а со тоа и намалување на потенцијалот на нашата економија. Помалку млади значи помалку работна сила, помалку извори на нови идеи, но и помалку пари во државниот буџет од нивото вработување и генерално помалку пари за економијата. Од друга страна, учеството на лица на возраст од 40-69 години од 34,0% во 2002 година е зголемено на 40,7% во 2021 година, а на лица со над 70 години од 6,5% на 11,0%. Стареењето на населението е проблем и на Европа, но кај нас во услови на слаба економска состојба, врши притисок врз пензискиот систем и со тоа го стеснува просторот за капитални трошења од државниот буџет. Европските земји стареењето на населението го решаваат со увоз на работна сила од Балканот и од Блискиот исток, со стимулации за зголемување на наталитетот и со долгорочна стратегија за роботика, а ние како ќе го решиме? Се иселуваат и млади Македонци и млади Албанци, и други млади од останатите етнички заедници. Иселувањето не познава различини етникуми!
Извор: ДЗС
И за крај, паралелно со спроведување на клучните економски и социјални политики (по промена на власта), ако сакаме вистински да се преброиме и по етничка припадност и по религиска припадност, нели треба да ги вклучиме и овие 7,2% непопишани? На сите ни е јасно дека се Македонци. Затоа треба нов електронски сеопфатен попис.
Извор: ДЗС
Автор: Маја Кадиевска Воjновиќ за НетПрес