![ZelenskiMontenegro](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2024/05/ZelenskiMontenegro.jpg?resize=696%2C464&ssl=1)
Португалија вети 126 милиони евра воена помош за Украина оваа година како дел од билатералниот договор за соработка и безбедност потпишан во вторникот.
Договорот што го потпиша украинскиот претседател Володимир Зеленски за време на неговата посета на Лисабон важи десет години, но Португалија ќе ја поддржува Украина „колку што е потребно“, изјави португалскиот премиер Луис Монтенегро на заедничката прес-конференција.
Зеленски потпиша слични договори со Шпанија во понеделникот и со Белгија во вторникот, но претходните договори подразбираа многу поголема поддршка. Неговите потези за воспоставување билатерални безбедносни договори се засноваат на иницијатива на седумте индустриски најрзвиени земји од групата Г7.
На маргините на самитот на НАТО во Литванија минатата година, членките на Г7 се согласија одредени земји да склучат билатерални договори со Украина за да ја гарантираат нејзината долгорочна безбедност. Започна со Британија, Германија и Франција на почетокот на годината.
Зеленски ги нарече „многу важни“ договорите потпишани оваа седмица, велејќи дека „не се работи само за пари“.
„Овие десетгодишни договори не значат дека војната ќе трае уште десет години. Тоа се стратешки договори кои вклучуваат модернизација и реконструкција на Украина и хуманитарна помош“, рече Зеленски.
Во моментов, на Киев првенствено му е потребна помош во воздушната одбрана, која вклучува ракети, беспилотни летала и информациски системи. На Украина ѝ треба ова „како вода во пустина“, рече Зеленски.
Неговите посети на Шпанија, Белгија и Португалија првично беа планирани за средината на месецот. Сепак, Зеленски ги откажа сите странски патувања поради рускиот продор во источниот регион Харков.