Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, пред еден месец добила две писма со закани по живот, објави Дојче веле.
Случајот го пријавила веднаш во Министерството за внатрешни работи, по што добила дополнително обезбедување, согласно законот. Таа сѐ уште чека информации од полицијата дали е откриено кој стои зад заканите.
„Писмата пристигнаа околу 23-24 декември минатата година. Заканите беа во смисла дека невини и угледни граѓани се во затвор, а ‘криминалците Зоран и Вице Заеви’ биле на слобода. Ако веднаш не ги осудам ќе бидам убиена. Двете писма беа во таа смисла“, вели Русковска за Дојче веле.
Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера (26.01.2022) добил закани по животот преку препорачано писмо. Јавното обвинителство соопшти дека писмото, испратено од Пошта Битола на 17 јануари, е напишано на македонски и на англиски јазик, и во него се вели дека Јовески ќе биде убиен ако не ослободи од обвинение двајца новинари.