И само еден закон да мине на шверцерски начин од страна на СДСМ-ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ следниот ден ќе го блокира работењето на Собранието, предупреди Мицкоски

Што се однесува до 15 закони, јас не знам дали се 15, но знам дека има закони кои што на брутален начин Владата на СДСМ и ДУИ сака да ги помине и на шверцерски начин низ парламентот комплетно злоупотребувајќи го европското знаменце, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање на денешната изјава во Гази Баба и порача дека секој обид на владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ на „шверцерски“ да протурка некој од тие закони ќе предизвика блокирање на работата на Собранието.

Предупредувањето на Мицкоски дојде откако претходно во вторникот Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ информираше дека Владата и  владејачкото мнозинство во наредните денови имаат намера да протнат 12 нови закони злоупотребувајќи го токму европското знаменце.

„На тој начин, власта има за цел да си донесе закони без отворена дебата и суштинска дискусија за законите. Власта има за цел да ја оневозможи опозицијата овде во Собранието, да даде издржани и аргументирани забелешки. СДСМ и Заев сакаат сите овие закони да ги протнат без дискусија, шверцерски и недемократски“, рече Мицевски.

Меѓу законите кои владејачкото мнозинство планира да мине со „европско знаменце“ е и Предлог–законот за контрола на опојни дроги попознато во јавноста како Закон за марихуана, за што опозицијата веќе неколку години предупредува дека е единствена цел е профитирање на семејството на премиерот Заев кое е водечко според инвестициите во овој сектор.

Уште еден закон кој е со „европско знаменце“ е обемниот Закон за парнична постапка кој има повеќе од 500 членови. Опозицијата забележува дека проблемот е во постапката со овој Закон е тоа што усогласувањето со правото на ЕУ се однесува на само неколку членови од вкупно петстоте.

Мицкоски упати порака до меѓународната заедница посебно до Европската унија да го спречат шверцерското носење на закони од страна на владата на СДСМ и ДУИ, посочувајќи дека доколку и еден закон помине во собранието ВМРО-ДПМНЕ ќе ја блокира работата на македонското собрание.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им порача на граѓаните нагласувајќи дека за неколку седмици самите ќе одлучат дали сакаат да живеат во држава, како што тој ја нарече ДООЕЛ Заев или, пак, во слободна и демократска држава во која се развиваат европските вредности.

„Ја користам оваа прилика да ја упатам и мојата порака до меѓународната заедница, посебно до Европската унија ако ова остане не искоментирано и ако ова не се спречи, тогаш ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе ја блокира работата на македонскиот парламент, на македонското собрание. А пораката до македонските граѓани е дека за неколку недели од сега ќе имаат можност да одлучат дали сакаат да живеат во држава ДООЕЛ Заев каде што парламентот комплетно ќе биде приватизиран и на шверцерски начин ќе се носат бизнис закони како што се овие вие рековте 15, или пак ќе имаме слободна демократска држава која ќе се развива и ќе биде рамо до рамо со европските вредности“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ уверува дека доколку и еден од овие закони шверцерски помине, од следниот ден париата целосно ќе ја блокира работата на македонскиот парламент.