И Слави Трифонов го враќа мандатот за формирање влада на Бугарија

Лидерот на втората по големина политичка сила во Бугарија по изборите – „Има таков народ “, Слави Трифонов на Фејсбук објави дека неговата формација ќе го врати мандатот за формирање влада, бидејќи нема потребен број пратеници или партнери за да обезбеди стабилен парламентарен состав за мнозинство.

„Понудената поддршка е од политички субјекти кои се штетни, алчни и докажано дека се компромитирани. И ова не е нивна поддршка, туку зависност”, наведе Трифонов.

Новите формации во парламентот – „Демократска Бугарија“ и „Исправи се! Мафијата надвор“ – прогласија подготвеност за поддршка на кабинет со мандат на „Има таков народ“, но тие не можат да обезбедат мнозинство од најмалку половина од пратениците.

Старите партии – ГЕРБ, БСП или ДСП – исто така најавија дека ќе гласаат за формирање влада, но досега партијата постојано ја исклучуваше таквата можност.

Трифонов најави дека кандидат за премиер на неговата партија ќе биде светската шампионка во шах Антоанета Стефанова, која има економско образование и зборува пет јазици, но таа според него „веднаш ќе го врати мандатот“.

Слави Трифонов завршува со навестување за предвремени избори: „Законот, Уставот и демократијата ни даваат можност да направиме подобар избор“.

Со тој потег на Трифонов кој доаѓа три недели по изборите, значи дека претседателот Румен Радев треба да назначи трета парламентарна група на која ќе и даде шанса да формира влада. Според Уставот на Бугарија, изборот е на шефот на државата, кој не е должен да ја земе предвид големината на групата. Петтата и шестата група – „Демократска Бугарија“ и „Исправи се! Мафијата надвор“, веќе јасно ставија до знаење дека немаат намера да го исполнат мандатот. Досега, БСП и ДПС одбија да коментираат дали ќе се обидат да формираат кабинет.

Доколку третата група го врати неисполнет мандатот, Румен Радев ќе мора да назначи привремена влада, да го распушти Националното собрание и да закаже нови парламентарни избори.