И со минималната и со просечната плата Македонија е на дното во споредба со соседните земји

Просечно македонско семејство со просечни приходи, тешко преживува и не може да ги подмири животните трошоци. За покривање на минималните месечни потреби на живеење, на едно четиричлено македонско семејство му се потребни минимум 531 евра месечно. Тоа го покажува последната пресметка на Сојузот на синдикати на Македонија, според кое минималната синдикална кошничка за септември годинава изнесува 32.671 денар, или 531 евро. При тоа, најголем процент од овие пари, 13,642 денари или 41,7 отсто, одат за храна и пијалоци, а по нив се трошоците што се потребни за домување, 10,389 денари или 31 отсто. За хигиена на просечно 4-члено семејство му требаат 2,314 денари минимум или 7 отсто од средствата, за превоз 2.408 денари или 7,3 отсто, за облека и обувки минимум 2.140 денари, за култура 1.070 денари, а најмалку може да издвои за здравство, односно за лекови, 795 денари месечно.
Реално, а и секојдневниот живот тоа го потврдува, месечните трошоци се многу поголеми од 32.671 денар колку што тежи синдикалната минимална кошничка. На пример, ако сите 4 члена на семејството користат градски превоз за секојдневни потреби, тоа се околу 6.000 денари месечно, а не 2.400 денари, додека пак, ако се грее на струја, на пример на една термо печка, во зима сметката за еден месец изнесува минимум 6.000, што е повеќе од половина од вкупните трошоци за домување.
Значи, и во случај кога семејство има двајца вработени, но со две минимални плати, тешко се турка месецот.

Дополнително, уште потешко, ако се има предвид дека најголемиот дел од вработените во државата земаат минималец од 200 евра, што значи дека немаат ни месечни приходи од 531 евра за минимални трошоци од синдикалната кошничка.
Од октомври минималната плата се зголеми на 14.500 денари. Со договор меѓу Владата, бизнисот и синдикатите, таа од 12.507 денари, порасна за 2.000 денари, со тенденција да расте и понатаму.

Со овој износ, од 203 евра месечно, Македонија е далеку од висината на минималната плата кај соседните земји. На пример, според последните податоци, минималецот во Босна и Херцеговина е 208 евра, во Албанија 211 евра, а во Црна Гора неодамна минималецот е зголемен на 222 евра, како што пишуваат балканските медиуми.
Во Србија најниската плата во моментов изнесува околу 230 евра, а следната година се очекува зголемување за 11 отсто, па од први јануари минималецот во Србија ќе биде 255 евра.
Поранешните југословенски земји, кои добија членство во ЕУ, како што се Хрватска и Словенија, имаат значително поголеми минимални плати. Хрватските работници можат да заработат најмалку 405 евра месечно, додека во Словенија минималецот значително ја надминува и просечната плата во повеќето земји од регионот и изнесува 667 евра.

Но, најлошо стоиме и со просечната нето плата. Таа во Македонија, според последните податоци на Државниот завод за статистика, во август годинава изнесувала 25.127 денари по вработен или 408 евра и е повисока за 3,8 отсто во однос на август минатата година.
За споредба, просечната нето плата во Словенија изнесува 1.108 евра и е двојно повисока од просечната заработувачка во речиси сите земји од регионот на Балканот. Освен Хрватска, каде просечната плата е 873,9 евра. По неа следи Црна Гора, каде просекот на платата изнесува 511 евра, во БиХ просекот е 469 евра, а во Србија 454 евра. Институтот за статистика на Албанија пресметал просечна плата во оваа земја од 423 евра.