И сопругата на Црвенковски во тендерот на Дамјан Манчевски

И Јасна Црвенковска, сопруга на поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, преку фирмата „Семос мултимедиа“, е дел од тендерот за стопанисување на кумановските паркинзи, кој јавното претпријатие во надлежност на градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски, му го доделило посредно на фирма на неговиот сопартиец, сега потпретседател на СДСМ, Дамјан Манчевски, пишува „Дневник“.

Потписот на Црвенковска и печатот на „Семос мултимедиа“ се видливи во документот – овластување од 29 ноември 2011 година. Со документот, седум фирми го овластуваат Манчевски да аплицира на тендерот и да ги преземе сите овластувања ако го добијат тендерот. Документот го доставија од владејачката ВМРО-ДПМНЕ како доказ за нивните наводи од претходните денови дека Манчевски е единственото овластено лице за кумановскиот тендер од цела група фирми.

„За потребите на јавната набавка бр.1103/2010 за воведување систем на наплата и контрола на паркирање, го овластуваме лицето Дамјан Манчевски да ги извршува сите деловни активности за и во име на групата на која било страна и на сите страни од групата на понудувачи во текот на постапката за доделување на договор за јавна набавка и во текот на извршувањето на договорот во случај да бидеме избрани за носители на набавката. Воедно, лицето го овластуваме да поднесе понуда и да ги преземе сите права и обврски во наше име и за наша сметка“, пишува во овластувањето.

Документот е заверен со печатите и потписите на овластени лица од седум фирми, кои подоцна како група конкурираат на кумановскиот тендер. Меѓу нив се наоѓа и „Метропаркинг“ од Белград со потпис на извесен Жељко Танасковиќ, потоа на „Метропаркинг плус“од Скопје со потпис на Дамјан Манчевски и „Семос мултимедиа“ со потпис на Црвенковска.

Според она што го објави Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, во огласот за тендерот како услови за фирмата за доделување на оваа набавка, меѓу другите, се и следните: во последните три години да остварил обрт од најмалку 15 милиони денари годишно; да врши или да вршел услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку 5 града. Димовски вели дека фирмата на Манчевски не можела да ги исполни овие услови и да учествува сама во набавката.

„Што направиле? Доставиле понуда во која носител е фирмата „Метропаркинг“ од Белград, а во понудата фигурираат уште шест други фирми за да ги исполнат критериумите на огласот. Во таа групна понуда фирмата „Метропаркинг плус“ е квалификувана како претставништво кое, потенцирам, ќе биде инволвирано во дневните оперативни работи на системот. Во таа понуда има овластување од сите седум фирми токму за Дамјан Манчевски и значи тој е лицето што ги има сите овластувања“, објаснуваше вчера Димовски.

Дополнително, тој го објави и договорот што скопската „Метропаркинг плус“ го потпишала со општинското јавно претпријатие „Куманово паркинг“, а на него стои потписот од поранешниот шеф на кабинет на Радмила Шекеринска, а сегашен потпретседател на СДСМ.

„Дали поставените критериуми во Куманово, особено во делот дека фирма што може да конкурира мора да има вршено или да врши услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку 5 града, има заднина, особено знаејќи го фактот дека тешко може да се најдат такви фирми во Македонија? Дали целата група од фирми е составена само за да се задоволат критериумите на повикот, а на крај сепак набавката да ја врши и извршува фирмата „Метропаркинг плус“ од Скопје, која никако не би можела да се квалификува на оваа набавка? Зошто во изјавата на понудувачот дека настапува во група на понудувачи не стои она што подоцна го прават, дека сите активности ќе ги презема скопската „Метропаркинг плус“?“, праша Димовски.

„Еве уште едно бонус прашање. Ова е за градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски-Циц. Зошто откога е распишан тендерот се променети условите, односно избришана е обврската фирмата што ќе го добие тендерот да приложи 5 отсто гаранција за квалитетно извршување на набавката? Дали и ова е случајно, како и сж што досега ви прикажавме?“, праша Димовски.

Вредноста на тендерот сепак е 400.000 евра?!

„Еве го известувањето од склучениот договор за јавна набавка, објавено од Бирото за јавни набавки, каде што јасно стои дека вредноста на овој договор е 22.892.000 денари, со вклучен ДДВ. И ова е јасно. Ова е валиден државен документ“, рече Илија Димовски, директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ прикажувајќи го известувањето за склучениот договор до Бирото за јавни набавки.

Од друга страна, Манчевски и понатаму тврди дека целиот бизнис бил околу 37 илјади евра, што се гледа од билансите на фирмата, и оти вредноста на тендерот е ставена согласно кумановските служби, кои пред распишувањето на огласот пресметале дека толку пари е можно да се очекуваат во бизнисот, но не и дека реално ќе се остварат.

Или институциите да преземат нешто за овој случај или, ако нема аргументи против мене, Илија Димовски нека повели на телевизиска дебата, на која ќе му биде разјаснето се’. Вака вчера врати потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, на новите информации во врска со кумановскиот тендер.

„Порака и до Илија Димовски или која било друга жртва на ДПМНЕ. Ве повикувам да не се криете повеќе зад партиски говорници. Имате институции, процесуирајте што сакате, сже согласно законот. Ако немате аргументи, а немате, ајде тогаш, господине Димовски, за сж што не ви е јасно, да се соочиме на телевизиска дебата пред очите на целата јавност. Па навистина како што самите велите, да пресудат граѓаните“, рече Манчевски.

Тој ги објави двете одлуки на Државна комисија по жалби за јавни набавки при Владата на ДПМНЕ, со која се потврдува дека неговата фирма била најповолен понудувач и оти тендерската постапка е целосно законска. Имено, во документите на Манчевски стои дека пред неговата понуда биле рангирани две други фирми: едната не го добила тендерот бидејќи не ги исполнувала техничките аспекти за СМС-пораките за наплата на паркингот, а другата не оставила цена во својата понуда.