Стара фотографија од раководството на ДУИ со донаторот на партијата Елмедин Адеми го демантира потпретседателот на ДУИ и министер за надворешни работи на Македонија Бујар Османи за тоа дека тој не се познавал со сопствениците на компанијата Еуровиа. Османи тврдеше дека не знаел дека оваа компанија е еден од поголемите донатори на неговата партија, а од неодамна и победник на тендерот на МНР вреден 1,8 милиони евра.
Фотографијата на Адеми со раководството на ДУИ (Али Амети, Артан Груби, Крешник Бектеши, Фатмир Бесими… и се разбира и Бујар Османи) од вчера е споделена на социјалните мрежи.
Османи вели дека не знаел дека Еуровиа била донатор на ДУИ, а фотографијата е од свеченост во фирмата по повод отварање на објект (Адеми е третиот од лево на фотографијата).
МНР склучи договор со Еуровиа од Желино вреден 1,8 милион евра за реконструкција на спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје за потребите на конференција на ОБСЕ.
„Знам дека не ви се верува, но јас од медиумите дознав дека компанијата е донатор“, изјави пред два дена Османи.
Навистина малкумина веруваат дека потпретседател на партија, портпарол на партија и министер не знае кои фирми биле донатори на ДУИ. Лани Еуровиа била најголем донатор на ДУИ со 1,85 милиони денари, а нејзинот сопственик пак како физичко лице донирал уште 2,5 милиони денари. Инаку фирма која донира за партија, не може да учествува на државни тендери.
Инаку, Државната комисија за спречување на корупцијата веќе отвори предмет за овој случај. Ти велат дека се преземени соодветните чекори за истражување на тендерот на МНР вреден 1,8 милиони евра што го доби компанијата Еуровиа. На прашањето дали ќе побараат информации од ДУИ и компанијата зошто го прекршиле законот преку донациите, од ДКСК одговорија дека информациите се побарани.
За премиерот Димитар Ковачевски нема ништо спорно затоа што била избрана најниската понуда.
Откако Османи се изјасни дека од медиумите дознал, од ВМРО-ДПМНЕ го прашуваат дали ќе го раскине договорот со Еуровиа сега кога знае дека фирмата е најголем донатор на ДУИ.
Еуровиа е добитник на уште еден државен тендер, на МВР за изградба на нова полициска станица во Аеродром вреден два милиона евра. И од МВР велат дека тендерската постапка е целосно чиста, а Еруовиа била најповолниот понудувач.
извор: mkd.mk