ИЈЗ констатира: Во Охридското езеро се испуштаат фекалии, но тоа не влијае на квалитетот на водата

Институтот за јавно здравје во својот извештај објавен на 10 јули објави дека Хотел „Десарет”, автокамп „Градиште”, „Љубаништа” и „Ливадишта“, ресторан „Острово” и другите угостителски објекти во „Св. Наум”, како и туристичките населби од Струга до Радожда, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во 2013 година, но истиот не функционира.

Според наодите на институтот, во фазата на третман на отпадни води постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото.

Извештајот го елаборира квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење и проценка на здравствениот ризик пред почетокот на летната сезона.

Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот „Макпетрол”, хотел „Бисер“, наведено е во извештајот.

„Согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од Центарот за јавно здравје – Охрид, перзистираат објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи. Тоа се хотелско-угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на охридското крајбрежје, од хотел „Десарет“ до Св. Наум, потоа, хотелско-угостителските објекти и туристичките населби од Струга до Радожда.

Во него пишува дека потенцијални загадувачи се и приватните куќи сместени на брегот од охридското езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео.

„Потенцијални загадувачи се и шанкови поставени на самиот брег на езерото на самите плажи, како и испустни цевки за собирање на атмосферски води кои се влеваат езерото, со можност за (намерно или ненамерно) приклучени отпадни фекални води од колективните станбени згради и приватни куќи“, пишува во извештајот.