ИЈЗ: Во Македонија 45,4 отсто од граѓаните се активни пушачи на цигари

Македонија е меѓу земјите во светот со најголема стапка на граѓани кои се активни пушачи, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје.

И покрај тоа што цената на цигарите од година во година расте, сепак бројот на пушачи се чини дека останува ист. Поразително е тоа што во земјава пушат и основците.

Според потадоците на Институтот, многу мал процент на луѓето се откажале од цигари во изминатите години. Вкупно активни пушачи во земјава се 45,4 отсто од граѓаните, а само 5 отсто се откажале од пушење.

Исто така, според Институтот, загрижува податокот дека премала е посетеноста на советувалиштата за откажување од пушење.

Голем дел од луѓето кои се против пушењето цигари, сметаат дека со драстично повисоки цени на цигарите може да се намали бројот на пушачи во земјава, а според други, недостигаат засилени кампањи за штетноста на цигарите.

Пушењето меѓу младите останува распространето и се зголемува во одредени нации во светот. Според достапните информации, над 38 милиони млади луѓе на возраст меѓу 13 и 15 години користат некаков облик на тутун.

Една од земјите кои успешно се борат против пушењето е Шведска.