Згрозени сме од ставовите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги во однос на последната Одлука за определување и ескалираната и деескалираната густина на секој нафтен дериват и гориво за транспорт и други елементи од Правилникот, се вели во соопштението на Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи, БПБ Штип во однос на новата одлука на РКЕ.
Оттаму велат дека РКЕ со своите одлуки ги уништува компаниите кои легално работат со нафтениот бизнис во државата.
-Во време кога економијата е пред колапс, РКЕ како намерно да носи одлуки кои ќе им наштетат на нашите доимашмни компании. И покрај тоа што РКЕ е слепа и не реагира на злоупотребите коишто се прават на пазарот со нафтените деривати, дополнително и нам што работиме легално не ни дава никаков поттик во овие тешки моменти, велат од Здружението.
Истовремено, прашуваат и како можеше Регулаторот да ја зголеми цената на струјата за 7 отсто, и дали тогаш не се водеше од интересот на граѓаните.
-Смешни и неиздржани се наводите на РКЕ дека со либерализацијата на пазарот ќе се предизвика ценовен шок, затоа што кога во минатото ние трговците сами ги определувавме цените, не се случи ништо такво. Или РКЕ нема познавање по ова прашање или станува збор за нешто друго. Чии интереси брани РКЕ?-потенцираат од Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи БПБ Штип.