И „Зегин“ се вклучи во борбата против пожарите во Пехчевско

Сопственикот на компанијата „Зегин“, Благој Механџиски, денеска од утринските часови активно помагаше во справувањето со кризата со пожарите на патот Делчево-Пехчево. Вчера огнот го зафати Пехчевскиот регион во месноста Крива Круша.

– Подаваме рака онаму кадешто е најпотребно, затоа што заедно сме посилни! Да бидеме хумани, да бидеме одговорни, да бидеме сплотени заедно против сè што може да ги наруши здравјето и благосостојбата на нашите граѓани, да ја зачуваме природата и убавините по кои нашата земја е позната во целиот свет, да помогнеме за подобро утре. Ова што се случи е страшно и жално, изгореа Малешевските бели дробови – изјави Механџиски, кој донираше палети природна изворска вода, храна, лекови, додатоци во исхрана и санитетски материјал (гази, спрејови против изгореници) и останати потребни медицински производи.

Освен дадената помош во храна, лекови и гориво, преку целиот ден Механџиски заедно со својот тим ги обиколуваше терените и селата за да пружи поддршка и таму.

Компанијата најави дека донациите ќе продолжат и понатаму, а „Зегин“ активно ќе ги следи случувањата и ќе помага како и досега, со цел побрзо и поефикасно да се надмине и оваа криза.