IAEA: Нуклеарката во Запорожје не е критична и покрај гранатирањето

Нуклеарната централа во Запорожје во моментов не претставува безбедносен ризик и покрај континуираното гранатирање, објави Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA).

Експертите на агенцијата дале прелиминарна процена дека „нема непосредна закана“ за безбедноста на централата поради гранатирања или друго воено дејствување, изјави челникот на IAEA, Рафаел Гроси на седницата на Советот за безбедност при Обединетите нации во четвртокот по локално време во Њујорк.

„Меѓутоа, тоа би можело да биде променето во кој и да е момент“, предупредил Гроси.

Ги повикал Москва и Киев да им овозможат на меѓународните експерти пристап до постројките што е побрзо можно.

„Јас лично сум подготвен да водам таква мисија“, додал Гроси.

Само неколку часа пред свиканата седницата во врска со ситуацијата околу безбедноста на нуклеарката на Советот за безбедност при ОН по барање на Русија, централната во Запорожје во јужна Украина, која е најголема во Европа и меѓу најголемите во светот, е нападната со тешка артилерија, изјавија привремените проруски власти во регионот.