Ибрахими поднесе оставка од позицијата потпретседател на БЕСА

Во пресрет на партискиот конгрес на Движењето БЕСА, потпретседателот Зекирија Ибрахими си поднесе неотповиклива оставка на оваа функција, со образложение дека никој не е незаменлив и дека никој не е над партијата.

Во соопштението Ибрахими воедно порачува дека нема да биде кандидат за претседател на БЕСА на претстојниот прв партиски конгрес кој е закажан во февруари.

„.. Во знак на почитување на вредностите поставени од Движење БЕСА, а по резултатите на локалните избори во трката за градоначалник на Чаир, поднесувам оставка..  Ние во БЕСА мора да се разликуваме, како што прифаќаме признанија, мора да знаеме да понесеме одговорност“, напиша на својот профил на Facebook.

Освен потпретседател на БЕСА, Ибрахими на локалните избори минатата година беше кандидат за градоначалник на Чаир од оваа партија, но трката ја загуби од кандидатот на ДУИ Висар Ганиу и тоа во вториот круг.