Ибрахимовиќ уште една година во Милан

Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ се согласи да го продолжи договорот со новиот италијански шампион Милан до јуни 2023 година, јавуваат локалните медиуми.

Според медиумските извештаи, Ибрахимовиќ ќе заработува меѓу еден и 1.5 милиони евра, но ќе има бонуси за одиграни натпревари и постигнати голови.

Шведскиот напаѓач во октомври ќе наполни 41 година, а во моментов се рехабилитира од операција на коленото поради што ќе биде надвор од теренот до крајот на годината.

Ибрахимовиќ изминатата сезона со Милан ја освои титулата во Серија А, придонесувајќи кон успехот со осум голови на 27 натпревари.