Агим Ибраими заедно со останатите фудбалери на Марибор синоќа го славеше огромниот успех, изборениот пласман во групната фаза од Лигата на шампионите. По 15 години пауза Марибор повторно ќе биде дел од елитното европско натпреварување, а меѓу најзаслужните сигурно е Ибраими, кој прикажа уште една одлична партија во виолетовиот дрес, на „Хемпден парк“ во Глазгов.
„Верувале или не, шкотските фанови ни помогнаа да го совладаме Селтик. Можеби на прв поглед звучи необично, но тие им дадоа крилја на домашните фудбалери, да ја отворат својата игра повеќе отколку што беше потребно. Знаевме дека тоа ќе се случи, трпеливо ја чекавме својата шанса и потоа ја искористивме со голот на Тавареш. Уште долго ќе се сеќаваме на топката во мрежата на Селтик. Сега пред нас е ждрепката, а јас лично го посакувам Реал Мадрид. Тоа е најдобриот клуб во Европа, актуелниот првак и би било прекрасно кога би играле против „кралевите“ во ЛШ“ – изјави Ибраими по враќањето во Словенија, каде на македонскиот ас и неговите соиграчи им беше организиран и спектакуларен пречек од страна на навивачите на Марибор.