Жената којашто го преживеа американскиот атомски напад врз јапонскиот град Хирошима и лидерката на меѓународната организација која годинава ја доби Нобеловата награда за мир ги повикаа САД и Северна Кореја да ја ублажат реториката и да преговараат за да го узбегнат нуклеарниот судир.
Сецуко Тарлоу, 85-годипна жена којашто го преживеа нападот на Хирошима од 6-ти август 1945 година, и Беатрис Фин, извршна директорка на Меѓународната кампања за забрана на нуклеарното оружје (ICAN), заедно ќе ја примат в недела во Осло Нобеловата награда.
„Ниедно човечко суштество не би смеело да го доживее она што го преживеав јас. Искрено и силно ги повикувам челниците на Северна Кореја и на САД никогаш да не го употребат нуклеарното оружје…. Преговарајте. Дипломатското решение е единственото решение“, изјави за новинарите Сецуко Тарлову, која во време на нападот имала 13 години и сега е активистка на организацијата.
Фин, пак, предупреди дека ризикот од нуклеарна војна се зголемил последната година.
„Силно ги повикувам челниците на САД и на Северна Кореја да се откажат од своите реторики. Престанете да се заканувате со користење на оружјето за масовно уништување. Побарајте дипломатско решение“, рече Фин.
ICAN е коалиција на невладини организации од повеќе од сто земји. Се бори за спроведување на Договорот за забрана за користење на нуклеарното оружје на Обединетите нации, кој во јуни го усвоија 122 држави. За да стапи на сила, мора да го ратификуваат 50 држави, а до сега тоа го сториле само три: Светата столица (Ватикан), Тајланд и Гвајана. Договорот не го потпиша ниедна земја којашто е нуклеарна сила.