
Повеќе од 40 лица во северниот дел на Ирак се затруени од гас и имаат осипи откако синоќа припадници на Исламска држава го нападнале селото Таза со гранати и ракети „Катјуша“ полни со отровни материи, соопштија денеска локалните власти.
Ниту еден човек не починал, но петмина се во хоспитализирани.
Селото Таза се наоѓа на 20 километри од Киркук и е населено со Туркмени шиити. Селото е во регион кој е под контрола на Курдите.
– Имаше отровни материи во проектилите. Не знаеме точно какви – изјави гувернерот на провинцијата Киркук, Наџмудин Карим при денешната посета на Таза.
Врз селото биле истрелани 24 проектили и ракети од соседниот реон Башир.