ИД планирала напади во Русија, уапсени седум лица

Седум припадници на Исламска Држава кои се сомничат дека подготвувале терористички напади во Москва и санкт Петерсбург се уапсени во Екатиринбург во регионот Урал.

Лидерот на групата, како што пренесуваат медиумите, во Русија пристигнал од Турција.

Членовите на групата имале план да извршат терористички напади во двата најголеми руски градови, а и во регионот Свердловска каде што се наоѓа Екатиринбург, а потоа планирале да побегнат во Сирија, чиишто делови од територијата се под контрола на ИД, наведуваат од руската федерална служба (ФСБ).

Вооружените напаѓачи планирале да изведат „терористички напади врз претставници на власта, користејќи експлозиви што самите ги изработиле“, наведува ФСБ, а пренесуваат руските медиуми.

Уапсените екстремисти се државјани на Русија и на други држави од Централна Азија.