Полицијата го откри идентитетот на безживотно тело на машко лице пронајдено покрај локалниот пат Стримница-Желино, како Б.И. (30) од скопското село Љуботен, општина Бутел, информираше портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифовски.
Безживотното тело на Б.И беше пронајдено во четвртокот во бездна покрај локалниот пат Стримница-Желино во месноста „Ледина“ по што јавен обвинител, екипа од СВР Тетово и лекар по судска медицина извршиле комплетен увид и при прегледот на телото не биле утврдени траги на насилство.
По наредба на јавниот обвинител била извршена и обдукција, а според податоците од истрагата идентификацијата на починатиот била отежната бидејќи кај себе немал никакви лични документи и телото било во поодмината фаза на распаѓање.
Од полицијата утврдиле дека Б.И. бил пријавен како исчезнат од страна на неговиот брат на 14 ноември откако претходниот ден излегол од дома и не се вратил.
Полицијата сега истражува како починатиот се нашол на местото каде е пронајден а истрагата работи и на утврдување на причините за смртта и се друго поврзано со случајот рече Јосифовски.