ИДФ објави видео во кое терорист на Хамас потврдува дека групата се засолнува под болницата во Газа

Израелската војска во објави снимка на која се гледа сегмент од испрашувањето на терористи на Хамас кои учествувале во масакрот на 7 октомври во јужен Израел, кои потврдуваат дека терористичката група има засолниште под болницата Шифа во градот Газа, објави Times of Israel.

Објавувањето на снимката дојде еден ден откако портпаролот на израелските одбранбени сили,  Даниел Хагари рече дека главната оперативна база на Хамас е под болницата – најголема во Појасот Газа и обезбеди визуелни и пресретнати аудио снимки како доказ за активностите на терористичката организација.

На видеата од испрашувањата, објавени во саботата со англиски преводи обезбедени од ИДФ, се гледаат двајца затвореници на Хамас како се испрашуваат.

На едно видео, маж идентификуван како Амар Семи Марзук Абу А’јоах му кажува на својот испитувач дека е од населбата Туфах во градот Газа и член на Нукба, поморската командоска единица на Хамас. А’јоа објаснува за мрежата на тунелите на Хамас, велејќи дека тунелите минуваат под населбите, но дека не секоја област има влез.

Тунелите, објаснува тој, се скриени под болниците и вели дека болницата Шифа има „подземни нивоа“.

„Шифа не е мала, тоа е големо место што може да се искористи за да се сокријат работите што ги кажавте на испрашувањето.

Болниците, медицинските клиники и објектите се експлоатирани, рече тој, бидејќи Хамас знае дека Израел нема да ги нападне. Локациите може да се користат за пренесување „експлозиви, оружје, храна, медицинска опрема“ за употреба од страна на терористичката група.

„Шифа е безбедно место, нема да биде ракетирано. За нив тоа е безбедно. Тоа е она што го знаеме“, рече Ајоа.

Тој, исто така, потврди уште едно израелско тврдење дека Хамас собира резерви гориво наместо да ги дистрибуира до граѓаните, велејќи дека „прво тие се грижат за машините и нивните џипови, а потоа им даваат на луѓето“.

А’јоа, исто така, објасни дека луѓето кои сакаат да ја напуштат Газа преку Египет може да го сторат тоа само со дозвола од Хамас.

На друго видео, маж се идентификува како Хасан Хасн Хасин Заареб, борбен лекар.

Заареб вели дека учествувал во нападите на Кибуц Суфа, заедница во близина на границата со Газа каде вооружени напаѓачи оделе од куќа до куќа убивајќи цивили што ќе ги најдат.

„Според она што го слушнав, болницата Шифа, тие ја користат, таму се кријат. Но, не знам за Наџар“, вели тој, именувајќи друг медицински центар во Газа, во градот Рафах.

Во петокот Хагари рече дека Хамас има неколку подземни комплекси под Шифа кои ги користат лидерите на терористичката група за да насочуваат напади против Израел.

Воениот портпарол рече дека Израел има „конкретни докази“ дека „стотици терористи се кријат во болницата“ по масакрот на 7 октомври, во кој околу 2.500 терористи ја пробија границата под поплава од ракети и дивееја низ повеќе населени места во близина на Појасот Газа. Тие убија околу 1.400 луѓе, огромно мнозинство од нив цивили, масакрирајќи ги во нивните домови и на музички фестивал на отворено. Тие, исто така, киднапираа над 220 луѓе во Појасот како заложници.

Израел вети дека ќе го уништи Хамас поради нападот додека се труди да избегне цивилни жртви.

Според ИДФ, внатрешната безбедност на Хамас има и команден центар во болницата Шифа, од каде што насочува ракетен оган врз Израел и складира оружје.

Енергетската инфраструктура на болницата ја користи и подземната база на Хамас, рече Хагари, обвинувајќи ја терористичката група дека ги користи болницата и нејзините пациенти со 1.500 кревети и околу 4.000 вработени – како жив штит.

Арапски и западни официјални лица изјавија за Њујорк Тајмс во текот на викендот дека Хамас складира храна и гориво во Појасот Газа, чувајќи ги од жителите кои имаат очајна потреба.

Израел, кој обично обезбедува гориво за Газа, ги запре сите трансфери по нападот на Хамас врз земјата на 7 октомври. Израелските власти рекоа дека ќе дозволат храна, вода и медицински материјали – но не и гориво да влегува во јужниот дел на Газа.

ОН предупредија дека болниците и другите витални услуги на палестинската територија ризикуваат да се затворат без испорака на гориво.

ИДФ инсистира дека во моментов нема хуманитарна криза во Газа и дека внимателно ја следи ситуацијата.

Откако Израел започна одмазднички воздушни и артилериски напади на денот на нападот, над 7.000 луѓе се убиени во Појасот Газа, според бројките објавени од Министерството за здравство на територијата на Хамас. Тие бројки не можат да бидат независно проверени и вклучуваат палестински терористи убиени од Израел, но и палестински цивили убиени од погрешни ракети лансирани од терористичките групи во Газа.

Израел соопшти дека убил 1.500 терористи на Хамас во Израел на и по 7 октомври.