Началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили (ИДФ), генерал-полковник Херзи Халеви, во средата изјави дека војската се подготвува за копнена операција против Хезболах во Либан.
„Спроведуваме воздушни напади по цел ден за да ја подготвиме областа за можноста за влез во Либан, но и за да продолжиме да му нанесуваме удари на Хезболах“, им рече генералот на војниците на 7-та оклопна бригада за време на вежбата за симулација на копнен маневар во Либан.
„Хезболах денеска го прошири опсегот на напади. Наскоро ќе добие многу силен одговор“, рече тој. „Денес ќе продолжиме, не застануваме, продолжуваме да напаѓаме насекаде. Целта е многу јасна, безбедно да се вратат раселените жители на северот“.
„За таа цел го подготвуваме копнениот маневар“, заклучи тој.
„Вашите воени чизми“, вели Халеви, „ќе навлезат на непријателска територија, ќе влезат во селата што Хезболах ги подготви како големи воени пунктови, со подземна инфраструктура, и точки од каде што Хезболах има намера да изврши напади врз израелските цивили.
„Вашето влегување во тие области, вашата средба со оперативците на Хезболах, ќе им покаже што значи да се соочиш со професионална, високо квалификувана и борбена сила“, продолжи тој. „Вие доаѓате многу посилни и многу поискусни од нив. Ќе влезете, ќе го уништите непријателот таму и решително ќе ја уништите нивната инфраструктура. Тоа се работите што ќе ни овозможат потоа безбедно да ги вратиме жителите на северот“.
Либанскиот министер за здравство рече дека повеќе од 50 луѓе биле убиени во нападите во средата, за кои израелската војска соопшти дека ја погодила дирекцијата за разузнавање на Хезболах, како и магацини за оружје.
Тоа дојде откако Израел соопшти дека ја соборил првата балистичка ракета која ја истрела Хезболах кон Тел Авив. Цел на нападот било седиштето на израелската разузнавачката служба на МОСАД. Израел тврди ракетата била пресретната и возврати со голема сила и широки напади врз цели на милитантите во Либан.
„Погодивме кат од зграда во која беше присутен командантот на Хезболах Ибрахим Кобеиси заедно со други команданти. Тој е одговорен за нападите врз Хаифа, вклучително и за ракетниот напад утринава. Денеска врз Израел беа истрелани 300 ракети. Шест цивили и војници беа повредени, од кои повеќето полесно“, изјави Даниел Хагари-портпарол на израелските сили.
Повеќе од 600 луѓе се убиени ширум Либан од понеделникот, кога Израел започна интензивна и широко распространета воздушна кампања за уништување на, како што рече, инфраструктурата изградена од Хезболах откако тие последен пат водеа војна во 2006 година.
Уште 90.000 луѓе во Либан се раселени од понеделникот, покрај 110.000 кои ги напуштија своите домови пред ескалацијата, според ОН. Речиси 40.000 живеат во засолништа низ целата земја.
Речиси една година смртоносни прекугранични борби предизвикани од војната во Газа, исто така, раселиповеќе од 70.000 луѓе во северен Израел.
Хезболах вели дека го напаѓа Израел како поддршка на својот палестински сојузник Хамас и нема да запре додека не дојде до прекин на огнот во Газа. Двете групи се поддржани од Иран и пропишани како терористички организации од Израел, Велика Британија и други земји.
И покрај зголемените меѓународни повици за деескалација, ниту Израел ниту Хезболах не се заинтересирани да отстапат.