Командантот на Хезболах, Хасан Фареш Јеши, кој беше одговорен за противтенковски наведуван ракетен напад врз северен Израел, е убиен денеска во напад на израелско беспилотно летало врз градот Хуаја во Либан, соопшти ИДФ, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Либанските медиуми објавија информации од Министерството за здравство дека две лица загинале кога израелски беспилотни летала гаѓале мотоцикл во Хуаја, додека во истиот напад биле поврдени шест лица.
Ал Џезира соопшти дека во единечните напади врз моторни возила во јужен Либан се гаѓа военото раководство на либански Хезболах на теренот, но милитантната група досега не соопшти за смртта на ниту еден свој борец.
Израелскиот министер за одбрана, Јоав Галант, во разговор со војници, денеска предупреди дека Либан „ќе плати висока цена“ за постапките на лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.
-Како што стојат работите, Насрала може да го натера Либан да плати исклучително висока цена. Тие не можат ни да замислат што би можело да се случи, изјави Галант.
Израелскиот министер посочи дека ситуацијата меѓу Либан и Израел може да ескалира во војна, пишува „Тајмс оф Израел“.